
"Меѓу Нас Кажано" со Јасминка Трајковска
Share
Што те прави "своја"? - раскажи ни накратко за себе?
Јас сум жена. Мајка. Домаќинка. Жена која сака секогаш да изгледа уредно, женствено и соодветно на своите години и времето во кое живееме.
Она што ме прави "своја" е мојата самостојност, независност и индивидуалност. Јас сум личност со став, со карактер и со темперамент. Верувам дека сè што ќе замислам можам и да го остварам. Како мајка се чувствувам целосна. Реализирана. Тоа е една од најубавите и најмоќните улоги кои ги имам во животот.
Секој ден го започнувам со добра мисла. Иако живееме во време на невреме – со премногу бучава, грижи и неизвесност, јас останувам во свој филм. Си го гледам својот живот, не се споредувам со другите, и се трудам да останам верна на себе.
Многу сум комуникативна, отворена и топла личност. Верувам во Бог. Верувам во доброто. И верувам дека она што го носиме во себе е посилно од сè што може да ни се случи однадвор.
Едноставно, тоа сум јас. Своја. Единствена.
Дали облеката го диктира твоето расположение или твоето расположение диктира што ќе облечеш?
Кај мене, дефинитивно облеката го диктира расположението. Има денови кога не сум најрасположена, како секој човек, но токму тогаш модата ми станува еден вид терапија. Облекувањето убаво, со вкус, ми помага да се почувствувам подобро, посамоуверено и попозитивно.
Знае понекогаш и расположението да ме наведе на помалку инспирирана комбинација, но веднаш чувствувам дека тоа не сум јас. Затоа често имам подготвени идеи, дали во глава или слики во галерија, кои ми служат како брз поттик.
Кога изгледам добро, тогаш и внатре се чувствувам така – и тоа ми е полн погодок за денот.
Кои луѓе или работи те инспирираат кога станува збор за својот личен стил?
Ме инспирираат многу жени – инфлуенсерки, манекенки, но и сосема обични жени кои ќе ги забележам на улица. Посебно ми се допаѓаат жени кои се успешни, вредни, мајки и домаќинки, кои и покрај обврските успеваат да изградат свој автентичен стил. Јас сум човек кој постојано набљудува, учи и "краде" инспирација, во најпозитивна смисла на зборот.
Сепак, верувам дека вистинскиот стил доаѓа одвнатре, од тоа да знаеш кој си, што сакаш, и во кој правец сакаш да се движиш. Стилот треба да одговара на твојот карактер, темпо на живот и енергија. Така и јас го изградив мојот, учејќи од луѓе кои ми се блиски или ми биле пример, и со текот на годините стигнав до стил по кој веќе ме препознаваат: oversized парчиња, сакоа, нагласен струк, и секогаш мал личен печат.
Дали стилот е нешто што се учи или нешто што се чуствува?
Стилот е и едното и другото – и се учи и се чувствува. Верувам дека ако не го чувствуваш, џабе се обидуваш – но исто така, со време и труд, секој може да се надградува. За мене, стилот е дел од мојата личност.
Дури и кога не сум расположена или сум преоптоварена со обврски – како мајка, жена, човек – добриот стајлинг ми враќа енергија и ми носи среќа. Најважно е секој да го пронајде својот стил, оној што го одразува вистинското "јас", а не нешто наметнато или вештачко.
Кој беше мотивот да купиш облека од втора рака за првпат?
Искрено, тоа ми дојде сосема природно. Во целиот свет луѓето купуваат и продаваат облека од втора рака, за мене тоа не е ништо спорно. Напротив, многу парчиња изгледаат како нови, некои дури и никогаш не се носени.
Не гледам разлика дали купувам од бутик или од second hand, најважно е да ми се допаѓа и да ми стои. Ниту ми е срам, ниту тоа го доживувам како нешто помалку важно. Со радост споделувам од каде купувам и навистина сметам дека е одлична и свесна одлука.
Како се смени твојот однос кон облеката од втора рака откако почна да ја носиш?
Мојот однос не се смени, затоа што од самиот почеток не ја гледав облеката од втора рака како нешто помалку вредно. За мене, купувањето од втора рака е исто како пазарење од бутик. Облеката е речиси секогаш во одлична состојба, често и како нова.
Кога нешто ќе ми се допадне на Instagram, само барам дополнителна слика или кратко видео, сосема нормален процес. Немам причина да го менувам ставот, затоа што од самиот старт го гледам ова како паметен, модерен и практичен избор.
За краj, остави ни една мисла или реченица што те мотивира и би сакала да ја споделиш со сите жени!
Бидете среќни, животот е премногу краток за нешто помалку. Правете го тоа што ве радува, без оглед на годините. Никогаш не е доцна да научиш, да се промениш, да блеснеш. Бидете храбри, самоуверени и верни на себе.
Да, облеката може да нè направи среќни, но вистинската убавина доаѓа однатре. Жените се двигатели, кралици, мајки и секоја заслужува да биде исполнета. Зграпчи го денот. Кога си задоволна со себе, сè друго доаѓа лесно.