
"Меѓу Нас Кажано" со Јована Лалчевска
Share
Што те прави "своја"? - раскажи ни накратко за себе?
Она што ме прави мене "своја" е начинот на кој гледам на работите во мојот живот, начинот на кој ги раскажувам моите приказни, начинот на кој се облекувам, движам и смеам. Да бидам своја за мене не значи да бидам посебна, баш напротив значи да бидам една целина од сите делови кои ги носам во себе.
Во текот на мојот живот секогаш сум ги сакала уметностите и креативната работа и голем дел од она што сум денес е поради тоа што сум била инспирирана и ми влијаеле луѓе токму од тие сфери.
Јас се занимавам со музика, од пишување текстови за песни, поезија и пеење сѐ до глума, мјузикли и танци. Животот на сцена ме исполнува максимално. Го сакам креативниот процес на создавање нова музика и сѐ што е поврзано со тоа. Осмислување на приказна за спот, локации и облека. Истотака сакам да запознавам и нови луѓе,а оваа работа ми го овозможува тоа.
Покрај настаните со музика во последно време запознавам луѓе и преку проекти на Еразмус. На проектите имаме можност да го искажеме своето знаење и искуство и со тоа да допринесеме на иднината на младината. Често патувам и сакам секојдневно да се занимавам со нови предизвици.
Кога би морала да избереш - удобност или стил?
Многу често она што го носам знае да влијае на моето расположение па затоа јас би избрала стил преку удобност затоа што кога носам нешто што ме инспирира, тоа може да ме разведри.
Кои луѓе или работи те инспирираат кога станува збор за својот личен стил?
Во умот ми се врежани стиловите на мајка ми и татко ми од нивната младост, малку хип хоп, малку елегантно. Кога гледам на слики порано никој не се облекувал исто и тоа ми е навистина интересно.
Покрај тоа многу инспирација земам и од Пинтерест - која е социјална мрежа создадена токму за будење идеи и инспирација во било кое поле, таму има бескрајно многу идеи.
Дали веруваш дека боите што ги носиме се одраз на тоа како се чуствуваме?
Многу често она што го носиме е одраз на она не само што го чувствуваме, туку и живееме, но сметам дека многу често се случува и да носиме некоја боја само од навика или пак бидејќи сметаме дека најдобро ќе одговара со настанот за кој го носиме тоа.
Кој беше мотивот да купиш облека од втора рака за прв пат?
Јас носам облека од втора рака речиси цел мој живот. Прво затоа што имам постара сестра, но и поради тоа што мајка ми е ентузијаст на пронаоѓање скриени богатства кога станува збор за облека од втора рака.
Сметам дека многу од облеката која се произведувала порано има подобар квалитет и некои работи кои ми се купени од втора рака ми издржале подолго отколку парчиња кои сум ги купила од продавница.
Исто така сум свесна дека во денешно време има премногу непотребно производство на облека кое индиректно или директно штети на природата и на земјата, сметам дека е важно да не запаѓаме во тие шеми без да знаеме што да правиме со облеката која не ја носиме повеќе, и каде таа завршува.
Како ги гледаш Second hand парчињата - како готов проект или како проект што има потенцијал за обликување?
Со малку имагинација и креативност секое парче облека може да биде променето и да изгледа сосем ново. На англиски се користи терминот "upcycling" кој означува процес при кој парчето облека се трансформира или надоградува во нешто друго.
Долго време гледав и запишував идеи за да си направам нешто и јас дома и конечно ми се пружи таа прилика кога на YSHC ми се појави тексас сукња. Веднаш ја замислив во глава како сакам да ја надградам и ја купив. На краевите на сукњата додадов крзно и реализацијата испадна подобро од што очекував, прекул изгледа и сега ја носам и во лето и во зима.
За крај, остави ни една мисла или реченица што те мотивира и би сакала да ја споделиш со сите жени!
Гледајте надвор од границите, понекогаш доволно е да го видите она што веќе го имате од друга перспектива за да направите промена.