"Меѓу Нас Кажано" со Теа Божиновска

"Меѓу Нас Кажано" со Теа Божиновска

Што те прави "своја"? - раскажи ни накратко за себе?

   Преубаво прашање! Верувам дека токму нашите различности нè прават свои, автентични, препознатливи, уникатни. Искрено, не сум најдобра кога треба да зборувам за себе, ама ќе се обидам накратко.

   Цел живот сум во спортот, тоа е мојата сила, мојата страст и мојот мир. Од првата љубов, фудбалот, до денешното секојдневие исполнето со трчање, спортот е она што ме прави исполнета и среќна. Обожавам да си го поместувам лимитот, па затоа трчам долги патеки. Тоа што одам до крај и кога е тешко, и кога „умирам“ по пат, мислам дека баш тоа ме прави своја и препознатлива.

   Луѓето често за мене велат: „Теа би се борела и со лав ако треба, ама да се откаже, тоа не е нејзино сценарио.“

На твојот Инстаграм профил преовладува твојот спортски дух – Кој успех на ова поле ти значи најмногу?

   Секој успех ми е драг. Затоа што тоа е резултат на секоја наша напорна работа. Но, доколку морам да издвојам тоа би била трката Халк Еко 2025.

Кои луѓе или работи те инспирираат кога станува збор за својот личен стил?

   Сакам "old school type of things". Растев со сестра ми и братучед ми, кои се неколку години постари од мене, и благодарение на нив уште од мала се заљубив во старата рап и хип-хоп музика. Тоа културно и стилско влијание остана со мене до денес. Ме инспирираат имиња како Aaliyah, Rihanna, Biggie, 2Pac, Eminem... Сè што е автентично, смело и носи став, тоа ми е блиску и во стилот на облекување.

Ако треба да го опишеш твојот стил преку некое место во светот, кое би било тоа?

   Бруклин, дефинитивно. Таму сè уште живее винтиџ модата, и тоа баш на начин што ми е близок. Луѓето го обожаваат тој стил, а и хип-хоп културата е сè уште многу присутна.

Кој беше мотивот да купиш облека од втора рака за првпат?

   Искрено, никогаш не сум гледала нешто лошо во облеката од втора рака. Сè е во тоа како ќе ја искористиш и како ќе ја износиш. Мислам дека првиот мотив ми била некоја кул комбинација што ми фати око, и веднаш си направив филм во глава како би ми стоела. Тоа ми беше доволна причина да пробам.

Која е приказната зад најстарото парче што го поседуваш? Зошто се уште го чуваш?

   Сентиментална сум и обожавам да си ги чувам старите парчиња. Не само што ми будат спомени, туку и си замислувам како еден ден моите деца, па дури и внучиња, ќе носат некои од нив и ќе имаат кул, уникатен стил. 

За крај, остави ни една мисла или реченица што те мотивира и би сакала да ја споделиш со сите жени!

   Бидете свои и уникатни, само така ќе бидете запаметени!

Back to blog